Претседателот на опозицијата, Христијан Мицкоски вечерва категорично демантираше дека ѝ се заканувал на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Тој изјави дека е згрозен и шокиран од таквите лаги кои ги отфрла како неточни.
-Жалам што направив погрешна проценка за карактерот на човекот кој го поддржав денеска да биде градоначалник на Скопје. Верував бидејќи препораките и биографијата беа солидни и до ден денеска верувам дека тогаш направивме вистински чекор, бидејќи направивме победник, но жалам што поддржав човек кој сега се фокусира на ниски страсти, лаги, конструкции поучен од не многу ликови кои се дел од нејзиното опкружување наместо да испорачува за Скопје, таа се фокусира да растура пердуви за мене и лаги и конструкции, рече Мицкоски во интервју за МТВ.
Пред неколку дена Арсовска откри дека добивала закани токму од Мицкоски.
-Сум имала закани од Христијан Мицкоски и тоа конкретно, лично и директно со зборовите доколку не го направиш ова, ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе. Ниту еден човек не треба да биде ставен под таков притисок. На оној што ги искажува овие закани не треба да му се дозволи ниту еден момент да биде во функција, во која што ќе може да ги исполни овие закани, рече градоначалничката во гостување на дебатна емисија.