Мицкоски денес ќе го добие мандатот од Сиљановска за состав на Влада

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денес во 12:00 часот, ќе го врачи мандатот за состав на Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопштија од нејзиниот кабинет.

Претходно Мицкоски рече дека разговорите за формирање Влада се при крај и дека очекува многу брзо да го поднесе составот на новата Влада.

„Очекувам претседателката Силјановска да го даде мандатот на мнозинството што беше јасно декларирано при изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието. Очекувам да го поднесам составот на идната влада што e можно poskoro“, рече Мицкоски на вчерашната прес-конференција.

Гаши, членот на коалицијата ВЛЕН, на 28 мај беше избран за претседател на Собранието на предлог на 75 пратеници од коалицијата околу ВМРО ДПМНЕ „Твоја Македонија“, коалицијата ВЛЕН и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Мицкоски на прес-конференција во Собранието ги нарече честите барања на Атина кон новите власти во Скопје да го почитуваат Договорот од Преспа и во јавните настапи нивната земја да ја нарекуваат Северна Македонија како „хистерија што му се случува на јужниот сосед“ и додаде дека „претпоставува дека ова е дел од нивната изборна кампања“.

„Не очекувам талибански однос и цензура на основните човекови права. Се што е содржано во Договорот од Преспа и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок, ќе го почитува идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Целата институционална комуникација, што е дел од законот и Уставот, ќе се почитува додека се тие закони и Уставот како што се во сила“, кажа идниот мандатар Мицкоски.

Тој посочи дека не им се лути на политичарите во земјава кои не го користат целосното уставно име договорено со Договорот од Преспа, туку само дел од него и додаде дека за него татковината секогаш ќе биде Македонија, без придавката „северна“.

„Моето човеково право, загарантирано со многу конвенции, е правото на слобода на изразување и говор. За мене во секоја моја изјава мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија“, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ и идниот мандатар за составот на новата влада.

Со Преспанскиот договор меѓу владите во Скопје и Атина, потпишан на 17 јуни 2018 година, се реши деценискиот спор за името, со што Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија.

Слични содржини