Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска порача дека стратегијата на ДУИ и Али Ахмети е да свртат кон тема која што генерално ќе има за цел да го поларизира населението, по можност и етнички. Премиерот вели дека тоа нема да го дозволат како Влада.
-Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу скоро ќе види кој е вистинскиот мотив на ДУИ и нивната грижа, истакна премиерот при посетата на ТИРЗ Кичево.
Околу барањето на ДУИ за евентуални предвремени избори, Мицкоски истакна дека Владата е фокусирана на развој на државата.
-Околу девет месеци отсега ќе имаме кампања за локални избори. Граѓаните ќе можат да го кажат својот збор. Доколку граѓаните ја поразат оваа Влада на тие локални избори, логично е да има предвремени парламентарни избори – да не ни се случува како што беше во 2021 година. Но, доколку оваа Влада ги порази сегашните опозициски политички партии на овие избори, тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе, да реструктуираат и кадровски и програмски да се освежат, додаде премиерот.