Мицкоски: Доколку некој се сомнева и има политичка волја, можеме и сега да спроведеме попис

од Nikola Popovski
135 прегледи

Редовните пописи се во првите години од почетокот на деценијата. Значи во 2031 и 2032 година. За вонреден попис вчера реков бидејќи такво беше прашањето (на собраниската седница), изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по работен состанок во УЈП.

Сепак, додава премиерот, доколку некој се сомнева и има политичка волја, тогаш можеме и сега да спроведеме, бидејќи, како што вели, некој повторно се обидува да ги злоупотребува чувствата на граѓаните со политички пораки, а ова е статистичка операција.

Пописот е процедура која се изгласува во Собранието.

-Еве конкретно за општината за која тој прашуваше – од 85 илјади, според податоците од пописот, има 59 илјади резидентно население и согласно на тие, толкав број на советници ќе има. Нели се обидуваме да го намалуваме бројот на џаболебари, политичари и функционери? Сега и тоа не чини? Сто стапови по туѓ грб не болат… Да не бидеме лицемерни, рече Мицкоски.

Премиерот вчера попладне на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.

Тој ова го кажа во одговор на пратеничкото прашање на пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијансата на Албанците, кој праша дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по вчерашната одлука на Уставниот суд за спроведување на пописот во 2021 година.

Уставниот суд на вчерашната седница укина делови од методологијата за Попис на населението од 2021 година, кои се однесуваат на категориите „резидентно“ и „нерезиденто“ население, кои беа воведени при последното пребројување на населението во државава.

Слични содржини