Мицкоски: Допрва доаѓаат тешките денови за Македонија кога станува збор спорот со Бугарија

од Nikola Popovski
550 прегледи

Преговарачката рамка на земјава, која владата ја прифати со услов да ги вклучи Бугарите во Уставот, само ја усложнува и ја одложува европската интеграција на Македонија, смета претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

При посетата на општина Гази Баба како одговор на новинарско прашање поврзано со интервјуто на министерот за надворешни работи за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во кое Бујар Османи вели дека е сигурен дека Бугарија ќе продолжи да формулира нови барања, Мицкоски изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ цело време го зборуваше истото“.

Според неговите зборови, во однос на спорот со Бугарија, допрва доаѓаат тешките денови за Македонија, но владата требаше да размисли за тоа кога прифати „овие тешки прашања да бидат дел од преговарачката рамка“, но исто така и „бирократите во Брисел“ требаше да размислат.

„И сега што направија само го усложнија процесот на Македонија кон пристапување кон ЕУ. И сега ние повторно се доведуваме во една ситуација во која што или ќе ги исполниме барањата на Софија, нивниот диктат без да добиеме гаранции никакви или пак имаме децениски а можеби и вековен процес на преговори со ЕУ и не заради европските темелни вредности туку за прашања кои што немаат никаква врска со ЕУ темелни вредности. Да докажеме каков е нашиот идентитет, да докажеме какво е нашето минато, традиција култура обичаи, да зборуваме за средниот век, како што сега се зборува наместо да зборуваме за иднината“, изјави Мицкоски.

Според него, причината за стагнацијата во која се наоѓа Македонија е власта. Тој посочи дека верува „во добрите намери на стратешките партнери на земјата – Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз, Берлин, Рим и други“, но не може да верува во добрите намери на официјална Софија, бидејќи „договорот е тотално асиметричен и е во целосна согласност со бугарските позиции, кои не се ништо друго освен вековниот руски интерес на Балканот“.

Слични содржини