Во гостување на ТВ21, Мицкоски истакна дека Владата уште од септември активно ја отвора оваа тема во Брисел и дека разговорите се водат континуирано, слично како и за други прашања, квотите за челик, укинувањето на роамингот и други отворени теми.
„Ако Европската унија навистина смета на овој дел од Европа, како што постојано ни порачува, тогаш ова се мали и небитни прашања. Не може 450 камиони од Македонија да земат нечии бизниси или да ја загрозат економијата на Европа. Напротив, тие додаваат вредност, затоа што превезуваат полупроизводи за европските производители во регионот“, изјави премиерот.
Тој посочи дека охрабрувачки се сигналите дека од мерките веќе се изземени дел од работниците во авиосообраќајот и железничкиот транспорт. Според него, македонски пилоти, стјуарди и машиновозачи кои работат во рамките на Шенген-зоната нема да бидат опфатени со ограничувањата.
„Се надевам дека истото ќе се случи и со патниот сообраќај, и патничкиот и товарниот, затоа што нема друго одржливо решение. Во спротивно, ќе трпи регионалната економија, но и економиите на земјите-членки на ЕУ“, нагласи Мицкоски.
На крајот, премиерот порача дека ова е момент кога Европската унија треба конкретно да покаже дека стои зад партнерите од Западен Балкан, кои, како што рече, Брисел сака да ги види како дел од европското семејство.