Премиерот Христијан Мицкоски веднаш излезе со контра реакција на прес-конференцијата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за македонското гласање за резолуциите на Генералното собрание во ОН. Вели дека за сите овие години додека е лидер на ВМРО-ДПМНЕ се изнаслушал „се и сешто за себе“ и „за политичката сцена“ и тоа го нарече „политички фолклор“.
-Овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат, посебно за нашата меѓународна активност и посебно за нашите релации со администрацијата на претседателот на Трамп. Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО, анти-Америка, проруски…а, сега им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на САД. Бевме коспонзори, да, и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа резолуција е обврзувачка бидејќи помина на Советот за безбедност. Останатите членки кои се стандардни, но, и ротирачките, не гласаа против и со тоа ја поддржааа. Во меѓувреме, кога дојде таа резолуција да се гласа на самото Собрание, беа поднесени повеќе амандмани. Повеќето амандмани беа одбиени, а еден беше прифатен. Тогаш предлагачот САД, кој го има тоа право, со кого бевме целосно координирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано. Жалам што политиката од оптика на топли песочни плажи и оптика овде од Македонија не е иста, па можеби некои од опозициските лидери се уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила, се уште неразбудени дека се опозиција и долго ќе бидат опозиција, рече претседателот на Владата при посетата на општина Неготино.