Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека „глупаво би било да имаме одвоени избори“ и побара од власта да го одреди датумот кога би се одржале парламентарните и претседателските.
-Не треба да ги трошиме парите од граѓаните – десетици милиони евра кои што ги немаме. Еве им честитам, успеаја нема да бидат предвремени избори, или 5-ти или 8-ми мај ќе бидат редовни. Само нека бидат и да ја договориме датата. Македонија треба да оди напред, рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Претседателот на најголемата опозициска партија беше дециден и го повтори ставот дека нема да има промена на Уставот под овие услови.
-Таа тема да ја затвориме и да се посветиме на поважни теми. Нашите аргументи сме ги кажале. Многупати по телефон сме разговарале со стотици дипломати во изминативе месеци и не сме слушнале аргумент кој што нас може да ни даде комфорна ситуација за да речеме „еве сега не убедивте, секоја чест, еве рака“. Ние со нашите аргументи сме ги разубедувале соговорниците, рече Мицкоски од општина Ѓорче Петров.