Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати пред јавноста по повод врачувањето на мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за состав на новата Влада. Според нејзините зборови, претстедателот на ВМРО-ДПМНЕ има сериозна можност да формира влада и да освои 61 глас зад својата програма и новиот владин состав.
-Чест и задоволство ми е да верувам дека чекорот што го преземам е вистински, правен и политички чекор, кажа шефицата на државата по што му го предаде мандатот на идниот мандатар.
Предвидена е заедничка средба меѓу двајцата, по што е најавено дека Мицкоски ќе се обрати пред новинарите.
Со врачувањето на мандатот почнуваат да течат 20 дена за формирање нова Влада.
ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори на 8-ми мај освои 58 мандати, коалицијата ВЛЕН 14, а ЗНАМ 6 мандати. Од партијата на Мицкоски посочуваат дека новата Влада ќе биде формирана согласно со уставните рокови.