Премиерот Христијан Мицкоски сподели со јавноста дека го добил судскиот спор со СДСМ по тужбата за клевета која ја поднел до Основниот граѓански суд – Скопје. Апелација ја потврдила првичната пресуда и ја отфрлила жалбата на СДСМ.
Како што објави Мицкоски, тужбата се однесувала на партиско соопштение на СДСМ од 2022 година, со наслов: „Мицкоски е докажан криминалец фатен со раце во медот, затоа ДПМНЕ фабрикува лаги за Ковачевски“. Во тогашното соопштение на СДСМ, меѓу другото, стои: „Докажаниот криминалец Христијан Мицкоски е фатен со рацете во медот за тендер и провизии од 136 милиони евра, додека Димитар Ковачевски чесно работи за граѓаните“.
Мицкоски оценува дека СДСМ свесно продолжува со, како што вели, лаги и манипулации, потценувајќи ги граѓаните и надевајќи се дека дезинформациите ќе имаат поголемо влијание од вистината.
„Македонија мора да оди напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност. Народот ќе покаже дека е посилен од ваквите лаги и дека тие нема да поминат“, порача, меѓу другото, премиерот во својата објава.
СДСМ се задолжува да ја објави пресудата на Апелација и да му ги исплати судските трошоци на премиерот.