Не сме го разгледале доставениот закон за амнестија, но некако овие фејсбукџии навикнаа да даваат и приложуваат закони за амнестија на криминалците, а многу малку водат сметка за оние луѓе во занданите поради тоа што имале патриотски чувства, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како реакција на барањето на министерот за правда, Кренар Лога кој побара од партиите да го поддржат новиот предлог-Закон за амнестија.
Сепак Мицкоски смета дека е „несериозно министерот за правда да се обраќа преку Фејсбук за вакви работи“. Најави дека кога ќе го разгледаат предлог, па потоа можеби ќе разговараат на оваа тема.
Министерството за правда денеска побара од сите политички партии да го поддржат, како што велат, овој хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните и да го изгласаат ова законско решение.
Со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до 6 месеци, како и осудените лица на кои им е изречена казна затвор над 6 месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Не е предвидена амнестија на осуденици кои извршиле тешки кривични дела.