За непочитувањето на вицепремиерот Арбен Фетаи кон македонскиот јазик и одбивањето да одговори кон новинарите, премиерот Христијан Мицкоски вели дека има исклучително квалитетна комуникација со него на англиски јазик, затоа што тој од својата шеста година е отселен од Македонија и живеел во Белгија.
Премиерот вели дека Фетаи течно говори на четири јазици – француски, англиски, холандски итн.
-Има исклучително квалитетна биографија зад себе. Знам дека не му е таа намерата како што се обидуваат одредени центри да ја дефокусираат јавноста поради политичка злоупотреба. Се обидува и се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам во изминатите 15 месеци колку енергија што вложува. Единствената грешка според мене во случајот е да ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе преведувач со себе. Во мое име, им се извинувам на новинарите и убеден сум дека и потпретседателот истото ќе го стори и дека таа грешка нема да се повтори во иднина, кажа Мицкоски во денешната изјава за медиумите.
Вицепремиерот за добро владеење, кој е дел од ВЛЕН и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во Владата, пред два дена одби да одговори на новинарски прашања на македонски јазик. На настанот по повод промоција на црвените таблички кои ќе ги издвојуваат службените возила, заедно со Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, изјава имаше и Фетаи. По изјавата новинарите поставија свои прашања, а Фетаи на сите новинари им одговараше на албански јазик.