Денеска во Благоевград се отвора македонски културен клуб под името „Никола Вапцаров“. На отворањето ќе пристигне лидерот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски. Се очекува и присуство на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пишуваат утрово бугарските медиуми.
Претстојниот настан предизвика силна реакција и кај локалните власти и кај претседателите на Бугарија и Северна Македонија. Во Благоевград се очекуваат протести во организација на бугарската ВМРО. Се очекува да се приклучат и граѓани, пренесе БТВ.
Клубот го отвора приватна организација која смета дека Македонците во Бугарија се угнетувани и се борат за своите права. Во областа има засилено полициско присуство. Претставниците на бугарското Министерство за надворешни работи го дефинираа настанот како „провокација, зад која стојат луѓе кои имаат антизападни, анти-НАТО чувства и чии цели се да предизвикаат тензии и овде и во Северна Македонија“, додава медиумот.