Мицкоски и Орбан ќе продолжат да го развиваат стратешкото партнерство

од Nikola Popovski
56 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека денеска остварил средба со неговиот унгарски колега, Виктор Орбан. Тој истакна дека нивниот разговор бил фокусиран на одличната билатерална соработка помеѓу Македонија и Унгарија, како и на можностите за нејзино натамошно продлабочување. Унгарија е наш искрен пријател, силен поддржувач на македонската европска интеграција и важен стратешки партнер.

-Во разговорот нагласив дека Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат, на остварувањето на европската перспектива и на зачувувањето на стабилноста во регионот. Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на Унгарија со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика, посочи претседателот на македонската Влада.

Покрај двајцата соговорници, на средбата присуствувал и шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

За време на посетата на Будимпешта, Мицкоски ќе учествува и ќе се обрати на CPAC конференцијата која се смета за најголем и највлијателен собир на конзервативци во светот.