Денес и утре во Будимпешта ќе се одржи унгарско-македонски владин самит, соопшти владината прес-служба. Согласно агендата предвидени се тет-а-тет средба помеѓу претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и претседателот на Владата на Унгарија, Виктор Орбан. Во рамки на владиниот самит предвидено е да се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри на двете влади, по што ќе следи и заедничка владина седница помеѓу двете влади.
Во рамки на посетата, како што информираа од Владата, предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија на Унгарија, Петер Сијарто да потпишат акциски план за размена на експертиза од страна на унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.
Во вторник, пак ќе има меѓувладина седница, а претходно се очекуваат повеќе средби помеѓу македонските и унгарските министри. По завршувањето на седницата, се очекува двајцата премиери да одржат заедничка прес-конференција.
Инаку, за период од околу пет месеци ова е втора заедничка средба на владите на двете земји, откако на чело на македонската е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Првата се одржа кон крајот на септември лани во Охрид, каде на гости беа унгарскиот премиер Виктор Орбан со неговите министри.
Тогаш во фокусот на разговорите беше и унгарскиот кредит од 500 милиони евра, пари за кои Орбан беше дециден дека се европски а не кинески како што тогаш обвинуваше опозицијата. Унгарскиот премиер понуди и дополнителна финансиска помош таму каде што ќе реши македонската влада дека и е потребно.
Меѓу поинтересните моменти кои произлегоа од средбата во Охрид, беше предлогот на унгарскиот премиер да посредува меѓу Скопје и Софија за изнаоѓање решение за спорот меѓу двете земји, што веднаш беше одбиен од тогашната техничка влада во Бугарија.
Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.