Премиерот Христијан Мицкоски очекува „секаков инженеринг“ во однос на сегашната верзија од Извештајот за напредокот на Македонија пред европратениците. Вели дека не би го изненадило ништо.
Претседателот на Владата истакнува дека е повнимателен кога станува збор за идентитетот на Македонија.
-Тоа е така дека го носиме длабоко во нас, но морам да признаам дека овие три децении изгубивме голем дел од нашиот идентитет, менувајќи знаме, име и неколку пати Устав и во услови кога немаме гаранции дека ова ќе биде последна идентитетска остапка што треба да ја направиме, би бил многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата „не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават“. Тоа што го направија и се уште прават дел од бугарските европратеници нема никаква врска со европските вредности. За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Илинденското востание, браќата Миладиновци итн. Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои што се дел од македонскиот идентитет, рече премиерот на заедничката прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос.