Дневниците на оние што работат во недела ќе се удвојат или никој нема да работи, изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Владата размислува за измени на законското решение „недела неработен ден“. Истакна дека тоа не треба да биде селективно како што го направила претходната влада
Вчера Мицкоски на собраниската седница, одговарајќи на пратеничко прашање за ставот на Владата за прогласување на недела за неработен ден, посочи дека оваа одлука не треба да биде селективна, туку треба да им даде можност вработените да се договорат за двојна или тројна дневница или никој да не работи.
„И денеска е недела работен ден, но за одредени економски оператори, дури во законот со квадратура се нацртани и се опишани кои се тие. Да речеме, тоа е трговски центар, за кој се сеќавам дека беше инспириран од тогашната коалиција СДСМ-БДИ пред првиот или вториот круг од локалните избори во 2021 година, мислејќи дека ќе постигне подобар резултат. И сега работат неколку економски оператори. Како Влада си го поставивме следниов предизвик, а тоа е или никој не работи, па ни тие, или оние кои сакаат да работат со согласност на работниците да добијат двојно поголема дневница. Ова е дилемата што ја имаме ние како Влада и не гледаме ништо лошо во тоа“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека, според анкетите на јавното мислење, околу 75 отсто од граѓаните се за работа во недела доколку дневниците се удвојат.
Законското решение дека недела е ден за неделен одмор во Законот за работниодноси почна да се применува со почетокот на 2022 година. Исклучок од ова правило се оние дејности каде работните процеси не можат да трпат прекин, како што се на пример одгледувањето животни, копањето јаглен и руди, производството на гас, фармацевтски производи, леб, аптеки, медиуми…
Прогласувањето на недела за неработен ден односно за „ден за неделен одмор“ во 2022 година беше оспорено пред Уставниот суд од Стопанската комора. Меѓутоа, уставните судии ја отфрлија иницијативата со став дека наводите на бизнисмените се неосновани.