Мицкоски: Им се извинувам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес зборуваме за учебник за секое дете

Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно - нешто коешто во минатото за жал изостануваше, рече премиерот

од Nikola Popovski
59 прегледи

Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно, нешто коешто во минатото за жал изостануваше. Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината, порача премиерот Христијан Мицкоски на првиот училишен ден, посакувајќи им среќен почеток на учебната година и успех на сите ученици во државата.

Премиерот истакна дека после 7-8 години учениците во училиштата ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците во странски јазици, англиски, германски и француски, нешто коешто е, како што вели, многу важно за да создаваат пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.

На најмладите и наставниците сакам да им порачам две работи. Ова се години кога учите за две многу значајни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија. Наставниците сум убеден дека вредностите коишто, најмладите првоодделенчињата ќе треба да ги дознаат за своето семејство за мама, за тато, за даде и за бато, но исто така и за она што се вика татковина, нашата преубава Македонија ќе го пренесат во вистински начин, во вистински дух, а тоа што првоодделенците ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот свој живот, порача меѓу другото Мицкоски при посетата на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода.