Дел од грчките медиуми забележуваат и му замеруваат на премиерот Христијан Мицкоски за користењето на името Македонија и придавката македонски. Грчката новинска агенција „АНА-МПА“ го цитира вчерашниот говор на премиерот во Собранието, одговарајќи на пратенички прашања.
„Можам да ви кажам дека никаде во Договорот од Преспа не е забранета придавката „македонски“ или „Македонија“. Тоа е регулирано со член 7, став 2 и 3 од Договорот и конечно можеме да се согласиме дека и ние имаме право да ја користиме придавката „македонски“ како што и тие (во Грција) имаат исто право“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашање поставено од пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, пренесува грчкиот медиум.
Во текстот се забележува дека Апасиев го нарекол Мицкоски „северномакедонски премиер“ и го обвини дека претходно бил против против Договорот од Преспа, но сега вели дека го „почитува“.
Во текстот на грчката државна новинска агенција стои и дека Мицкоски на Апасиев му рекол секој месец, како пратеник на Северна Македонија потпишува за да добие пратеничка плата, но ги споменува и меѓусебните обвинувања за летните одмори на Халкидики и изјавата на лидерот на Левица дека оди на Халкидики, бидејќи е средна класа.
„Јас ја разбирам Вашата фрустрација од тоа што не можете како за СДС, да извадите и за нас дека сме имале фирми во Сингапур, ваму, таму и сега ќе ни кажувате, одел Апасиев на одмор во Халкидики. Да! Оди. Оти е средна класа Апасиев не живее од хидроцентрали како тебе. Апасиев живее од професорска плата“, му порача Апасиев на Мицкоски.
АНА-МПА потсетува дека „националистичката левичарска партија Левица“ на последните парламентарни избори во С.Македонија го зголеми рејтингот на околу седум отсто.