Мицкоски ја корегира амбасадорката Дрекслер за судскиот буџет: Секој што кажува различно или манипулира или не ја говори вистината

„Да се погледаме во очи и да ги извадиме бројките. Ова е факт, јас не сум го направил тој Извештај туку е финансиран од Советот на Европа“, кажа премиерот Мицкоски од собраниската говорница за тоа дали Германија или Македонија издвојува повеќе за правосудниот систем

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Собрание

По изјавите од германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер која изрази загриженост за дебатата околу буџетот за правосудството и која нагласи дека според податоците на Европската комисија за ефикасноста на правосудството, Германија инвестира пет пати повеќе по глава на жител од Македонија, премиерот Христијан Мицкоски повторно на својот претходно искажан став, за кој што вели дека е Извештај од Советот на Европа.

-И ова го тврдам, кој сака нека зборува спротивно. Да се погледаме во очи и да ги извадиме бројките. Ова е факт, јас не сум го направил тој Извештај туку е финансиран од Советот на Европа и ги опфаќа земјите кои имаат свои членови во рамките на СЕ.

Секој кој што кажува различно или манипулира или не ја говори вистината, без разлика каков статусен симбол има во општеството – дали е надворешен дипломат, дали е домашен експерт или политичар итн. Ова се бројки и факти, кажа Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на седницата на пратенички прашања.

Мицкоски ја повтори неговата теза дека државата за правосудниот систем одвојува повеќе од 75 проценти од земјите-членки на ЕУ.

„Од таа анализа направена и финансирана од Советот на Европа за податоци од 2022, објавена 2024 година, дојдовме до заклучок дека ние како држава одвојуваме пари од буџетот за правосудниот систем повеќе од 75 проценти земји-членки на ЕУ. Во 2022 ние одвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП. Франција е 0,2, a Германија е 0,3 од нивниот БДП. Европскиот просек отприлика е 0,3“, кажа премиерот.

Неодамна во интервју за „360 степени“, германската амбасадорка рече дека мора убаво да се погледнат бројките. Таа кажа дека Германија уште во 2022 година инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Македонија.

Слични содржини