Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски продолжи со обвинувањата кон неговиот претходник и поранешен премиер Никола Груевски. Тој на социјалните мрежи реагираше со статус на објавата на Груевски.
Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане се подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Потенцира дека поранешниот премиер сака да направи раздор, но и му порача дека нема да дозволи пазар и договори.
Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот не бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018та, ова е друго време. Како велеше, “вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе”, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно, посочува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Груевски упати две прашања до Мицкоски: дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум и доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој негов потег, изјава, натпис или било што се обидел да ја подели партијата и да даде доказ.
Груевски побара одговорот на Мицкоски да биде јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка.