Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговори на пратеничко прашање на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дали до крајот на мандатот на оваа Влада, Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ. Според Мицкоски, во 2022 година, ВМРО-ДПМНЕ нудеше соработка, но не му беше овозможена.
-Јас немам проблем и 30 етнички заедници да ставиме во Уставот, но имам проблем да разговарам на тема на која што континуирано некој нас не негира и оспорува и ни го крати правото да бидеме тоа што сме. Тоа можеби не е ниту последната туку не знам по која ред отстапка која треба да ја направиме, а притоа да не ја завршиме трката и по пат нешто ново да ни се случи. Таков предлог е францускиот. Три пати повторивте чист македонски јазик и идентитет, а од друга страна велите дека никој нема право да преговара. Тогаш зошто сте преговарале? Ако било така, зошто за мене сте преговарале, а мене не сте ме прашале, праша Мицкоски од собраниската говорница.
-Ако тие велат дајте да ставиме во Устав, ние малку што можеме како Парламент овде да направиме е да побараме Македонци да бидат дел од Министерскиот совет во Бугарија кој што ќе биде дел од тој Комитет за етнички заедници. Сите треба да се обединиме, додаде Мицкоски.
Премиерот информира дека изминатите години во Европскиот парламент не е донесен Извештај затоа што воопшто не станувало збор за македонски идентитет и јазик туку за северномакедонски. Сега на три места има македонски јазик и идентитет, предложен како амандман од европратеници.
-Тука Бугарите преку еден европратеник кој што излезе во името на неколку групи, меѓу која и ЕНП, рече да го модифицираме македонскиот јазик и идентитет со зборот „модерен“. Суштината е создавање на нов топоним, а не Бугари во Устав. Тоа е суштината на францускиот предлог. Ќе сториме се за да можеме да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како „модерни“ Македонци, кажа Мицкоски.