Мицкоски ќе учествува на петтиот самит на Европската политичка заедница

од Nikola Popovski
23 прегледи

Во Будимпешта се одржува петтиот самит на европската политичка заедница, а на него ќе учествуваат 47 шефови на држави и влади од земјите на ЕУ, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.

Темите на самитот се европската безбедност, вклучително и конфликтите во Украина и Блискиот исток, како и резултатите од претседателските избори во САД.

Домаќинот на самитот, унгарскиот премиер Виктор Орбан, средбата што ќе се одржи во Конгресниот центар „Пушкаш“ арената ја оцени како најголема дипломатска средба во модерната историја на Унгарија.

На самитот се очекува да присуствуваат и лидерите на Франција, Велика Британија, Турција, Украина и Западен Балкан.

ЕУ ќе ја претставуваат претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешни работи и безбедност Џузепе Борели.

На самитот ќе учествува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Освен Орбан, кој ќе го отвори самитот, ќе се обратат претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателот на Франција, Емануел Макрон, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, премиерката на Кралството Данска, Мете Фредериксен, како и претседателот на Србија, Вучиќ.

Планирани се четири одвоени сесии на кои ќе се разговара за миграцијата, економската безбедност и поврзаноста во областа на енергетиката, транспортот, ИТ и глобалната трговија.

Слични содржини