Доаѓа време на промени. Го немаме луксузот за чекање, калкулирање или меден месец. Овој народ нема трпение за подобри времиња за една-две декади. Сите чекавме премногу, а отиде се на полошо. Македонија која оди напред и не запира, без скандали и афери, со ред и поредок, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање од конвенцијата на партијата, на која беше избрана пратеничката Гордана Силјановска-Давкова за нов претседателски кандидат на државата.
Мицкоски побара 61 пратеник на парламентарните избори, „за да нема уцени и диктати и за сигурно управување на институциите“.
Според него, државата е во голем хаос и изгубена е вербата во политичарите. Вели дека е „голема и шарена лага оти ова се избори за дали ќе влеземе во ЕУ“.
-Ова се избори за Македонија, за средена Македонија со закони кои ќе важат за сите и со тоа ќе нема граѓани од прв или втор ред, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето пред присутните.
Тој меѓу другото се осврна и на животниот стандард на граѓаните и просечните примања.
-Што прави доскорешниот премиер? Објаснува за пити и буреци и сака да не убеди дека луѓето со платите можеле да купат повеќе бурек отколку пред 10 години. Дури и кога ги прави пресметките, не кажува дека бурекот кој го нуди е без месо бидејќи месото во реалноста, го изеде инфлацијата. Во сите фалби за зголемени плати и пензии, е изоставена инфлацијата, истакна Мицкоски.