Премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство по масакрот во Црна Гора, во кој 12 лица ги загубија животите и четири се повредени.
„Со огромна тага и загриженост ја примив веста за трагичниот и шокантен настан што се случи во Цетиње, Црна Гора, пришто многу животи беа прерано згаснати, а неколкумина други беа повредени во вооружениот напад кој го потресе целиот регион.
Во овие тешки мигови, од името на Владата, како и од мое лично име, изразувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите кои го загубија најмилото. Нивната болка е неизмерна, а загубата непоправлива. Нашите мисли и молитви се со нив, како и со сите кои беа погодени од овој трагичен чин.
Длабоко сочувствуваме и со граѓаните на Црна Гора кои во овој момент се соочуваат со голема тага и вознемиреност. Оваа трагедија е потсетник за важноста на заедништвото и солидарноста помеѓу народите во регионот, особено во моменти кога се соочуваме со вакви трагедии што оставаат длабоки лузни во општеството.
Упатуваме поддршка до сите надлежни институции во Црна Гора кои со голема посветеност работат на расветлување на овој немил настан и на враќање на мирот и безбедноста во заедницата. Македонија стои рамо до рамо со братскиот црногорски народ во овие болни мигови и останува подготвена да понуди каква било поддршка што би била потребна. Нека почиваат во мир сите невини жртви, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, напиша Мицкоски на ФБ.
По масакрот во Цетиње се огласи и македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
„Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани во Цетиње, Црна Гора. Стоиме во солидарност со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време. Нашите мисли се со вас“, рекоа од македонското МНР преку соопштение.
Претходно се огласи и шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Таа утрово упати сочувство до семејствата од Црна Гора. Во порака на социјална мрежа „Х“, претседателката порача:
„Упатувам најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските погодени од трагичното масовно пукање во Цетиње, Црна Гора. Моите мисли се со жртвите, нивните семејства, народот на Црна Гора и сите оние кои беа погодени во ова неверојатно тешко време“.
Осомничениот маж кој изврши масакр во Цетиње е мртов- соопштија црногорските власти. Се обидел да се самоубие откако бил опколен од полицијата, починал на пат кон болница. 45- годишниот напаѓач идентификуван како Ацо Мартиновиќ усмрти најмалку 10 лица, вклучително и две деца, и рани уште четворица други. На убиствата им претходела расправија в кафеана по што Мартиновиќ заминал и се вратил со оружје усмртувајќи го сопственикот на локалот и неговите деца, како и членови на сопственото семејство. Во земјата е прогласена тридневна жалост.