Мицкоски: Ми кажаа дека Филипче ги поддржува политиките на ДУИ

од Nikola Popovski
194 прегледи

По поставено новинарско прашање дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче е отворен за соработка и заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини за локалните избори, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека бил информиран од неговиот тим дека „тој можеби е еден од отворените политичари кој на отворена сцена покажува разбирање за политиките на ДУИ“.

-Така ми кажаа дека покажал разбирање за аргументите на ДУИ. Тоа е нешто за што контитнуирано зборуваме дека коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица перфектно функционира. Јас очекувам општествена поддршка за кандидатите на владината коалиција. Убеден сум дека политиките на коалицијата се политики кои се од интерес на народот, рече денеска Мицкоски.

Запрашан кој ќе трча за градоначалничкото место во Скопје – Перински или Ѓорѓиевски, премиерот вели дека ниту еден од двајцата досега не му кажале дека се заинтересирани да бидат дел од кандидатите на внатрепартиските анкети. Рече дека ќе ги вклучи и двете имиња во анализите на партијата.

Прашан за можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини на локални избори, Филипче вчера рече дека е отворен за сите можни коалициски комбинаторики кои ќе донесат бенефит за граѓаните.

-Не сме имале разговори, ниту пак средби на тоа ниво, и покрај тоа што има одредени повици од страна на премиерот, од негови коалициски партнери и има одговор и од наша страна. Сметаме дека постојат ситуации во коишто е потребно да се седне и во парламентот да се разговара за теми од национален интерес. Ние таква комуникација за соработка на локално ниво досега не сме имале. Јас сум апсолутно отворен за буквално сите можни коалициски комбинаторики кои ќе донесат бенефит за граѓаните, кажа лидерот на СДСМ во дебатна емисија.