Мицкоски му замерува на Деаноски дека излегол на блокадата пред Собрание, обвинува за „политичка позадина“

-Еден од тие што денеска протестираат, пред два дена со мене држеше прес-конференција и кажуваше дека овој е историски договор и никогаш не се случило, кажа премиерот

од Nikola Popovski
194 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Запрашан дали може да се најде едно конечно решение за работниците и зголемување на минималната плата, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ситуацијата ќе продолжи бидејќи, како што вели, ова има политичка позадина. Според премиерот, еден од денешните протестанти, како што вели, со мене држеше прес-конференција видно во егзалтична состојба, задоволен од тоа што го постигнал.

-Денеска го гледате блокира заедно со уште еден кој се повикува на работнички права, а злоупотребува службени возила за приватни цели. Тоа во периодот што следи, ќе го има. Аргументот дека Владата е најголем работодавач и треба да си ги регулира обврските, ние си ги завршивме. Во трипартниот дијалог со работодавачите и работниците, ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение кое тие ќе го договорат. Но, не можеме да поддржуваме политички инструирани водачи и не сакаме да влегуваме во таков тип на процес. Еден од тие што денеска протестираат, пред два дена со мене држеше прес-конференција и кажуваше дека овој е историски договор и никогаш не се случило, а денеска граѓаните сами нека судат и нека оценуваат, кажа Мицкоски, говорејќи за претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Сојузот на синдикати на Македонија денеска два часа го блокираше Собранието, на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“. Минималец од 600 евра, за 100 евра зголемување на преостанатите плати, намалување на платите на функционерите, ова се пораките кои синдикалците сакаат да ги упатат до народните избраници.

Од ССМ велат дека протестите ќе продолжат и во четврток, блокирани ќе бидат работодавците, а идната недела и Владата.