Мицкоски на Лајчак му ги претстави позициите за надминување на пречките со Бугарија

од Nikola Popovski
37 прегледи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак кој престојува[e во Скопје за да учествува на седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија.

„Разговаравме за стратешките аспирации на земјава и потребата Европската Унија да се заложи поинтензивно за забрзување на интегративните процеси кои пречесто се оптоварени со билатерални пречки и спорови. Ја истакнав заложбата на Македонија за напредок на тој план како и нашите позиции во однос на надминување на пречките со источниот сосед. Македонија заслужува да биде член на европското семејство“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Услов за одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на првиот кластер од преговорите на земјава со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што е неприфатливо за Владата без гаранции дека нема да има понатамошни блокади. Мицкоски бара евентуалните измени на Уставот да стапат на сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.

На вчерашната конференција во Собранието, Лајчак посочи дека за влез во ЕУ потребни се историски компромиси и дека е важно Македонија да биде фокусирана на својата цел – влез во Унијата.

„Мојата порака беше јасна: Пристапот во ЕУ бара историски компромиси и потребно е целото општество за да успее. С.Македонија мора да остане фокусирана на целта“, објави Лајчак на платформата „Х“.

Слични содржини