Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера го пречека својот македонски колега Христијан Мицкоски на првиот ден од унгарски-македонскиот владин самит во Будимпешта. Орбан објави фотографија дека имал вечера со Мицкоски во еден од најпознатите унгарски ресторани „Мама Кели“, каде се сервира исклучиво традиционална храна.
„Добредојде, премиере Христијан Мицкоски, во Будимпешта! Утре наутро започнува унгарско-македонскиот владин самит. Нема подобро место за подготовка од кај Мама Кели. Напред со срце!“, напиша Орбан на социјалните мрежи.
Унгарија и Македонија се за мир во Украина и затоа и обете земји беа коспонзори на резолуцијата на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации, изјави вчера унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто по средбата со македонскиот министер за надворешни во Будимпешта, Тимчо Муцунски. Според Муцунски, Македонија има неколку геополитички одредници, тоа се НАТО, ЕУ, САД, но пред сè е македонскиот национален интерес. Потпишаа Акциски план за размена на експертиза.
Ова е втора меѓувладина седница помеѓу Македонија и Унгарија. Првата се одржа во септември минатата година во Охрид. Тогаш Орбан ја реафирмираше силната поддршка за Македонија на евроинтегративниот пат, со што се понуди дури и да биде посредник на дијалогот помеѓу Скопје и Софија, како тогашен претседавач со Советот со ЕУ, но Бугарија веднаш го одби предлогот на унгарскиот премиер. Во Охрид стана збор и за стратешките проекти како транспортниот и енергетскиот коридор север – југ кој што го поврзува Балканот со Унгарија и е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион.
Тогаш во фокусот на разговорите беше и унгарскиот кредит од 500 милиони евра, пари за кои Орбан беше дециден дека се европски а не кинески како што тогаш обвинуваше опозицијата. Унгарскиот премиер понуди и дополнителна финансиска помош таму каде што ќе реши македонската влада дека и е потребно.