Мицкоски најави иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет

од Nikola Popovski
30 прегледи

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, соопшти утрово премиерот Христијан Мицкоски во објава на социјалните мрежи. Потенцира дека според негово длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата.

„На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македонија мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое ја држи заробена и заложник и е причина за нејзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македонија мора да победи!“, објави Мицкоски на својот официјален Фејсбук профил.

Премиерот пред почетокот на 2025 година изјави дека се размислува за неколку потези после празниците во однос на Судскиот совет.

-Размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме после празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште тие процеси траат кај одредени обвинители и судии. Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи тогаш на новинарско прашање дали се планира разрешување на оние членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.

Судскиот совет брои 15 члена. Од нив петмина ги избира Собранието, но двајца од тие се по предлог на шефот на државата. Осуммина ги бираат судиите од своите редови со гласање. Претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција, но немаат право на глас.

Во својата прва изјава пред новинарите како претседател на Советот, Александар Камбовски порача дека институцијата ќе се води со интегритет, непристрасност и максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во државата. Рече дека судиите што не работат согласно законот и Уставот, туку за свои лични интереси и под туѓи влијанија, ќе се соочат со одговорност, а максимална поддршка ќе добијат оние што работат чесно.

За потсетување, главното предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ во однос на правосудството, од кое Мицкоски не отстапи ниту по победата на изборите и составот на новата влада вклучува и распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, што наиде на забелешки од меѓународните партнери.

Слични содржини