Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави нова инвестиција во земјава. Како што објави на социјалните мрежи, германската компанија ЕПСОТЕХ во партнерство со белгиската АИМ ќе инвестира во изградба на нов производствен погон, за што ќе вложи 20 милиони евра.
Објектот ќе биде лоциран во општината Петровец, надвор од технолошко-развојните зони и во него ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија.
Според Мицкоски, со градежни активности се започнува на крајот на август, а за една година се планира вработување на повеќе од 110 граѓани.
-Toa што е значајно дека дел од инвестицијата е и Центар за истражување и развој што дава голема додадена вредност на истата и ќе значи ангажирање на високо стручни вработувања.
Инвестициите се решението за подобар живот на граѓаните, порача претседателот на македонската Влада.
Претходно, новата влада својот мандат го започна со инвестиција вредна 500 милиони долари. На земјиште меѓу Карбинци, Радовиш и Штип ќе се гради парк на ветерници за производство на струја. Ќе бидат изградени 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават електрична енергија или 20 проценти од потребите на земјава.