Мицкоски не гледа проблем во вработувањата во М-НАВ: Немаат право да живеат затоа што се мои роднини или пријатели?

од Nikola Popovski
198 прегледи

Не можам да се согласам со вас дека се партиски вработувања. Дури и да е така, немаат право тие да се вработуваат или да бидат вработени само затоа што се мои роднини, пријатели, блиски…? Немаат право да живеат?, прашува премиерот Христијан Мицкоски откако вчера беше објавено дека сопругата на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад на Собранието, Атанас Стамнов – сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија, Анита Стамнова, како и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев се примени кандидати на огласот на М-НАВ.

Според премиерот, платите во М-НАВ не се највисоки во државата. Мицкоски во емисијата „Само интервју“ истакна дека има поголеми институции со многу поголеми примања.

Опозицијата, покрај поништување на спорниот оглас бара и враќање на професионалните критериуми за вработување во М-НАВ, како и оставка од сите што го овозможија, како што додаваат, овој срам.

Ваквиот развој на настаните следи откако Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ, со кој бара поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната Спогодба. Доколку барањата не бидат исполнети, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот почнувајќи од 10 јули.

Ова не е прв пат синдикатот да реагира на партиски вработувања и притисоци, на коишто е подложена Македонската навигација – компанија којашто важи за една со најпрестижните плати во земјата.

Слични содржини