Мицкоски не очекува големи промени во цената на струјата

-Регулаторот на крајот од ова година ќе донесе одлука за тоа дали ќе има и ако има колку би било иако не очекувам некои големи отстапувања, од оваа цена. Дали ќе биде 0, 1, 2, 3 проценти или некој процент повеќе или помалку тоа ќе одлучи Регулаторот, изјави Мицкоски

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма

Премиерот Христијан Мицкоски очекува овој тренд да продолжи во 2026 и 2027 година и, како што вели, во 2027 година практично да се инјектираат  цената на чинење на електричната енергија за АД ЕСМ и онаа цена по којашто ќе ја продаваат на пазарот. Премиерот Мицкоски е дециден дека како Влада ќе продолжат со политиката на субвенционирање, за да не почувствуваат граѓаните ценовен шок.

-Односно да не се случи нешто, коешто не треба да се случи, бидејќи ако оставиме на слободниот пазар како што тоа беше намера на претходната влада, од 1 јануари или дури и претходно требаше граѓаните денеска да плаќаат до 50 проценти поскапа цена за електрична енергија. Тоа не се случии. Веќе година и половина сме Влада и ја субвенционираме таа електрична енергија. Нормално не правиме од тоа кампања, какошто тие правеа во оние сметки коишто ги доставува ЕВН. Тоа се нормални работи за една Влада да ги штити интересите на граѓаните, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека во три регулирани периоди, а  тоа се 1 јули 2024, 1 јануари 2025 и 1 јули 2025 немаше покачување на струјата за домаќинствата.

-Сега ќе видиме. Регулаторот на крајот од ова година ќе донесе одлука за тоа дали ќе има и ако има колку би било иако не очекувам некои големи отстапувања, од оваа цена. Дали ќе биде 0, 1, 2, 3 проценти или некој процент повеќе или помалку тоа ќе одлучи Регулаторот, изјави Мицкоски.

ЕСМ како единствен понудувач на тендерот на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ понудил цена од 65 евра за мегават час, за 3 евра поскапо од онаа што важи во втората половина на годинава. ЕСМ за в година планира целосно да ги покрие бараните количества струја.

„За периодот јануари-декември 2026, ЕВН Хоум доби само една понуда и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегават час, за покривање на 100% од вкупно планираните количества. Оваа цена е повисока за 4,84% од претходната која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегават час“, соопштуваат од „ЕВН Хоум“.

Новиот тендер е распишан за цела година. Сега на потег е Регулаторната комисија за енергетика да ја направи пресметката.

Слични содржини