Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера соопшти дека на партиската конвеција на 2-ри март ќе се знае името на претседателскиот кандидат на нивната коалиција за претстојните избори. Според него, од 22-те имиња кои продефилирале во партиските кругови, „најмалку петмина се убедливи споредбено со потенцијалните кандидати на власта“.
Мицкоски посочува дека не сака да му се случи истото со „феноменот Данела Арсовска“ и дека секогаш човек треба да учи од грешките во минатото.
-Тој феномен кој што го потенцирате во смисла на Макијавели си ја исполни својата цел, но доколку суштината ја гледаме тогаш да не ја исполни ниту би рекол едноцифрен број проценти. И тоа јас сум го зборувал во јавноста и често пати сум го аргументирал и денеска јас да го гледам концептот на модерно Скопје пред мене јас и денеска ќе го поддржам. Тоа што инклинираше потоа градоначалникот на Скопје и тимот кој работи со неа е тоа е друго, кажа синоќа Мицкоски во емисијата „360 степени“ на МТВ 1.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе и своите пресметки за парламентарните избори и која партија колку пратенички места би освоила. Според него, моментално најголемата опозициска партија би победила со близу 60 пратеници.
-Бидејќи и ние правиме анкети некогаш две, некогаш три месечно последната на изборен примерок од 1,000 испитаници по изборна единица ја направивме во ноември и бројките се дека ВМРО-ДПМНЕ во ноември се движи помеѓу 51 и 54, СДСМ се движи помеѓу 26 и 29, ДУИ има едно сценарио доколку оди заедно со Алијанса на Албанците споредено со тројната коалиција Движењето на Изет Меџити, Беса и Алтернатива и втората варијанта е кога ДУИ оди посебно и посебно оди Алијанса за Албанците, а тројната коалиција која веќе е официјална оди заедно. Бројките кои заедно ги делат се некаде 27-28 и заедно партијата Левица и партијата на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски заедно делат некаде околу 12 пратеника, рече Мицкоски.