Мицкоски: Не се нарушени дипломатските односи со Косово, жалиме за инцидентот

од Nikola Popovski
303 прегледи

Се следат јасни и прецизни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови. И јас сум подложен на вакви процедури како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица кои го поминуваат ВИП-делот. Јас не го користам тој дел, туку делот како и сите граѓани. Жалиме и не сакаме да се повтори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со неговиот косовски колега, Албин Курти за инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на меѓународниот аеродром „Скопје“.

Мицкоски додава дека лично истакнал како претседателката на Косово е добредојдена во земјава, како и сите граѓани од нашиот северозападен сосед.

-Лично следниот пат ќе ми биде задоволство да ја пречекам на аеродромот и заедно да ја придружувам во времето кое ќе го помине на аеродромот, за да избегнеме инциденти, а посебно однесување на поединци кои што се наш домашен проблем кој ќе си го решаваме, истакна премиерот во своето обраќање.

Според Мицкоски, добрососедските односи се двонасочна улица.

-Сакаме да имаме добри и плодни добрососедски односи со Косово. Размената со Косово за 2023 е на ниво на половина милијарда евра, според податоците на ДЗС, кажа меѓу другото премиерот.

Мицкоски е дециден дека не се нарушени дипломатските односи со Косово, туку, напротив, истите ќе добијат нова димензија во позитивна насока во иднина.

-Можам само да го повторам тоа што го кажав. Разликата меѓу овој случај и претходните два случаи кои што исто така се случиле на аеродромот, е што сега има јавност и политичати кои што се обидуваат да спечалат евтини политички поени. Нема да успеат. Слушнав изјави дека се „црвенееле политичари“, но веројатно е поради 2023 година кога на 16-ти септември и 9-ти октомври лани тогаш се случиле исти инциденти. Тогаш немаше јавност. Затоа јас лично кажав на оваа прес-конференција и на самиот состанок дека жалиме што се случи ова и што ова не е прв пат. Се понудив лично да ја придружувам претседателката на Косово до моментот до кога ќе го напушти скопскиот аеродром, додаде Мицкоски.

Слични содржини