Мицкоски: Нелогично е да имате цигари во минималната кошничка, во јануари не сум испил лименка нескафе ниту сум видел праски и кајсии

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

Околу најавите за менување на методологијата при пресметката на минималната синдикална кошничка, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја читал досегашната методологија и забележал неколку чудни работи, како на пример, во месец јануари ги имало производите како диња, лубеница, грозје, кајсии… „Не ги пробав“, признава премиерот.

-Не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари…Нелогично е да имате цигари во минимална кошничка. За да не бидеме тие кои што не го надсихронизираат она кое што е работено од Синдикатот, а оценувано од двајца поранешни министри на СДСМ – Никола Поповски и Тевдоски, рековме ајде да вклучиме лица од сите области и сите заедно да ја формираме минималната потрошувачка кошничка. Цените да не бидат од еден од поекслузивните маркети, туку бидејќи е минимална, од тие кои што се со пониски и поскромни цени, да избереме средина и така да ја пресметуваме кошничката. Може ќе биде поголема, но, можеби и помала. Јас во месец јануари не пушам цигари, не испив лименка нескафе, не знам како изгледаат праски, кајсии, ниту грозје. Ценам дека треба да има интервенција. Вака сега не можеме, кажа премиерот на прес-конференција во Владата.

Мицкоски демантираше дека вчера на Економско-социјалниот совет било што било отфрлено од Владата или прифатено. Премиерот смета дека репрезентативноста на Синдикатот е истечена и сега Владата формира нова комисија која треба да утврди репрезентативноста на синдикатите.

Вчера немаше договор за минималецот, туку во фокус на Социоекономскиот совет било да има нова пресметка на потрошувачката кошница. Владата има намера повторно да ја креира основната минималната кошничка, поточно ДЗС или друго релевантно тело. Постои предлог кошничката да биде формирана од неколку членови од различни тела и дека таа ќе биде основна институционална кошничка и ќе ги земе во предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни.

Европската комисија нема директива по однос на потрошувачката кошница и секоја држава во регионот и Европа има и синдикална и кошница која ја формираат институциите. Се очекува дека и членови на синдикатите да бидат дел од креирањето, но и од Министерството за економија, за финансии, Организацијата на потрошувачи, од Статистика…

ССМ ја креира синдикалната минимална кошница од 2010 година. Државните органи тогаш одлучија дека нема логика во нивните пресметки за тоа со колку пари може да се преживее во месецот.

Во јануари во споредба со претходниот месец, потрошувачката кошница поскапела за 391 денари, додека во споредба со истиот период мината година за 100 евра.

Слични содржини