Ги слушнав тие економисти и поради дел од тие се наоѓаме во оваа ситуација. Ќе направиме реформа во даночниот систем и нема да има санкции. Да бидете убедени во тоа, изјави премиерот Христијан Мицкоски запрашан за тврдењата на дел од економистите дека доколку дојде до намалување на данокот за богатите компании од 10 на 5 проценти, државата може да се соочи со санкции.
Мицкоски е дециден дека Македонија ќе остане земја со најниска даночна политика во Европа. Вели дека ни се потребни нови инвестиции и следниот чекор им е да креираат доброплатени работни места.
-Можеби тие економисти кои заговараат повисоки даноци не не гласале нас и имале други политички опции. Имаме повеќе од 600 илјади граѓани кои дале легитимитет на оваа влада и мораме да се држиме до тоа што сме го ветиле, а не тоа што го кажуваат поразените економисти, кажа Мицкоски по пуштањето на новиот дел на градинката Гоце Делчев.
Според економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ, ако Македонија ја намали стапката на данок на добивка на 5 проценти, земјата ризикува да се најде на црната листа на ОЕЦД и Европската унија како несоработлива земја на даночни прашања.
-Ако Македонија ја намали стапката на данок на добивка на 5%, фајде од тоа ќе видат само Германија, Франција, Англија, или некоја друга земја, кои ќе им ја наплатат на компаниите разликата од 10%. Трагично е што владава не е свесна за ова. Друга последица до која може да дојде ако владата остане на својата намера е Македонија да се најде на црната листа на ОЕЦД и ЕУ, како земја која не соработува на даночни прашања. Тоа би имало катастрофални последици за репутацијата на земјата, затоа што Македонија и официјално ќе биде прогласена за офшор даночна дестинација. Поради сето ова, мислам дека владата просто мора да се откаже од оваа најава, затоа што не може да постигне апсолутно ништо – ниту ќе им даде пари на компаниите, ниту ќе привлече нови, само сериозно ќе го наруши угледот на земјата, анализира Јовановиќ.