Мицкоски: Немам проблем да иницирам средба со Бугарија за европската интеграција на Македонија

од Nikola Popovski
118 прегледи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски најави дека ќе побара средба со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Во синоќешно интервју, Мицкоски беше запрашан дали ќе побара средба, откако македонската влада долго време очекуваше во Бугарија да се формира политичка стабилна влада со која ќе се разговара за европската интеграција на земјата и предлогот уставните промени да стапат на сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Ова прашање вчера му беше поставено на премиерот, а одговорот беше дека е подготвен да разговара со секого и во секое време за да ги деблокира преговорите на земјата со ЕУ.

„Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, ние сме колеги, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба. Да видиме во ова опкружување дали можеме да ги надминеме нашите разлики во однос на тоа како гледаме на патот на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат. Тука е разликата генерално, бидејќи секако имаме различни ставови на иста тема. Ние имаме своја стратегија, чија суштина е дали после две децении ќе ни се дозволи да го започнеме преговарачкиот процес и тој да се оценува врз основа на заслуги, а не врз основа на билатерални спорови. Да видиме дали тука ќе најдеме решение па потоа да бараме решение за се друго“, рече Мицкоски во интервју за „360 степени“, емитувано на МРТ1.

И претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција претходно денеска изјави дека го поддржува Мицкоски да побара средба со бугарскиот премиер..

-Има јасен план во реформската агенда. Направивме максимум што можеме. Јасно е потврден идентитетот и македонскиот јазик. Легитимно е да бара Владата дополнителни гаранции. Да видиме дали можеме или не можеме да добиеме некакви дополнителни гаранции. Ќе го поддржиме било кој подобар предлог или форма на дополнителни гаранции. Сепак, да се случи час поскоро бидејќи времето поминува, а Албанија и Црна Гора со крупни чекори одат напред, кажа претседателот на СДСМ.

Услов за автоматско одржување на Втората меѓувладина конференција со Македонија и втората фаза од почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за владата на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и повлекување од националните интереси, сторено од претходната влада на СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ, за да има предвидливост во евроинтеграциите на земјата, измените на Уставот треба да стапат на сила дури откако ќе завршат преговорите и земјите-членки ќе го ратификуваат договорот за пристапување на Македонија во ЕУ.

Слични содржини