Мицкоски обвини дека „талог од општеството“ ги притиска луѓето да си заминат надвор од Македонија

„Тука може да се живее и работи отколку надвор да го имате чувството на „дојденци“, рече Мицкоски на Форумот на повратници во државата

од Nikola Popovski
33 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека му е драго што денес има луѓе кои што живееле и работеле надвор од државата, па се вратиле назад. Порача дека само „дома си е дома“. Според него, во годините што следуваат, човечкиот ресурс и потенцијал ќе бидат одлучувачки фактор за развојот на една држава.

На Форумот на повратници во државата, Мицкоски истакна дека „празна територија никогаш нема да остане, но прашањето е кој ќе ја пополни територијата“.

-Кога почнував како асистент на факултетот пред 23 години, кога ќе дипломираа студентите – од 10, 9 одлучуваа да останат дома, а еден одлучуваше да замине надвор. За само 15 години потоа, од 10, 9 заминуваат надвор. Тогаш сфатив дека шегата одамна заминала и треба посериозно да се гледаат работите и да влеземе во суштината што се причините. Честопати и се лутев зошто луѓето имаат амбиција да отидат надвор, но човек кога има амбиција, треба да го поддржите, а не да го спречувате. Кога младите ги совладаат лекциите и материјата за докторати, ние како професори помагаме и во еден момент кога ќе одлучат да заминат, чувствувате и помалку дека сте предадени. Сте им помагале да го совладаат материјалот. Среќа сега поврзувањето и комуникацијата се малку поинакви, кажа премиерот.

Тој додаде дека како Владата мора да направат се за да ги вратат луѓето дома. Вели дека бизнисот се жали како нема работниците, а од друга страна, вели луѓето одеа надвор поради други причини, неретко поради нефункционален систем и чувствуваа дека правната држава не го испорачува тоа што треба.

-Тоа го разбирам и тоа би било мојата порака дека како Владата ќе сториме за да ги исправиме неправдите. Не сме ветувале чуда, не сме чудотворци, но ќе сториме се за секој ден да биде подобар од претходниот. Тука може да се живее и да се работи и да се заработи отколку таму да го имате чувството на секогаш „дојденци“. Сум бил, сум видел, сум се задржал, но го чувствувам тој притисок на љубов кон татковината и сум се вратил, кажа Мицкоски и обвини дека во општеството има „еден талог кој што е нихилистички настроен и се му се смета, дури и изгледот на нечија фризура“.

-Создава токсична атмосфера и притисок врз луѓето кои сакаат да живеат нормално и слободно. Не сите тој притисок можат да го издржат и викаат „нека иде се по ѓаволите, се пакувам и си одам, јас ова нема да го издржам“. Тој талог е присутен и во политиката преку одредени политички партии кои што немаат мејнстрим политики и немаат одговор на второ и трето прашање. Првата нивна порака е нихилистички заклучок дека овде ништо не чини, а потоа немаат одговори. Не треба да бидеме жртви на тој бран на луѓе кои се талог на општеството. Како Влада сме силни одлучени да го поразиме тој талог. Нема да биде лесно, но полека борбата ја добиваме, кажа меѓу другото претседателот на Владата.