Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека очекува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во наредниот период да дојде во посета на Македонија. Средбата треба да се случи пролетва.
„Во моите разговори со претседателот Ердоган дефиниравме оваа пролетва да се случи тој прв состанок и тој да дојде во Скопје. Претпоставувам таа посета ќе се реализира, во моментот не можам да кажам точно кога и како, но знам дека Турција има исклучително одличен амбасадор во Скопје, дипломат од висок ков, со човекот имаме одлична соработка и тој придонесе за уште поблиските односи меѓу двете земји. Иако можеби на некои не им одговара и даваат негативни критики кон него, што за мене се непријатно изненадување. Убеден сум дека до оваа прва средба ќе дојде многу бргу и ќе ја имаме таа можност, но и чест, претседателот Реџеп Таип Ердоган да го пречекаме во Скопје“, рече Мицкоски од Собранието, одговарајќи на пратенички прашања.
„Убеден сум дека како наш стратешки партнер Турција ќе овозможи слободен пристап на македонските компании на турскиот пазар. Убеден сум дека дел од постојните бариери ќе бидат многу скоро неутрализирани, односно избришани и македонските производители, посебно во земјоделието, фармацијата и во останатите гранки ќе може да најдат свое место на турскиот пазар. На тој начин овој дисбаланс во размената каде што Турција има голем суфицит ќе биде изнивелиран“, додаде Мицкоски.
Премиерот лани во февруари со владина делегација отпатува во посета на Турција. Тој оствари средба со турскиот претседател при што беше потпишана заедничка политичка декларација за основање Совет за соработка на високо ниво меѓу двете влади.