Мицкоски: Очекував поголемо сочувство од ДУИ, ќе претресеме сè

од Nikola Popovski
901 прегледи

По обвинувањата на опозицијата дека постои селективност во истрагата за кочанската трагедија, премиерот Христијан Мицкоски вели дека може секогаш да дава паушални изјави, но ќе треба да се дадат тие работи со докази. Го охрабрува ОЈО да делува неселективно.

-И за секој оној за кој што постои основано сомневање, не само сега, и во минатото кој извршувал било каква функција и бил вклучен во овој и слични случаи, да биде санкциониран, рече Мицкоски на поставување на камен темелник на мега-паркот со плоштад во населба Радишани.

За обвинувањата на ДУИ дека премиерот се заканувал во јавноста со „влечење за уши“ за да се прикрие вистината за Кочани, премиерот жали што „ДУИ не излегла од матрицата која што ја гледаме повеќе од 22 години“.

-Наместо да изрази сочувство и да се вклучи во истрагата и да помогне, тие се обидуваат да го политизираат и етнизираат. Се обидуваат на глодарски начин да добијат политички поен. Нека им служи на чест, а ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да се грижиме и да се бориме против ваквото девијантно однесување. Ќе претресеме се и ќе извадиме се за она што се случувало во минатото. ДУИ повеќе од 20 години беше дел од системот во минатото и барем едно извинување требаше да им даде на граѓаните. Очекував поголемо сочувство од нив, кажа Мицкоски.

Премиерот најави дека Кочани ќе биде главен приоритет во следниот период на Владата.

-Ќе бидат зголемени средствата во делот на инвестиции во Кочани, но ќе биде приоритет и во делот на обезбедување на инвеститори и креирање на доброплатени работни места. Ќе одвоиме 2 до 3 пати повеќе средства за Кочани во делот на инвестиција на инфраструктурните проекти.

Слични содржини