Мицкоски: Од Бугарија се испраќаат различни сигнали, подготвени сме да разговараме

од Nikola Popovski
201 прегледи

Бугарските политичари сакаат да ја вовлечат темата Македонија во нивната предизборна кампања. Многу пати сум кажал дека нема да бидеме наивни и да влегуваме во такви замки. Имаме наш интерес и наша цел и сакаме да чекориме цврсто, вели премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го вчерашното соопштение на бугарското МНР како реакција на неговите претходни изјави.

Што се однесува до разговорите со нашиот источен сосед, вели Мицкоски, сме подготвени кога сакаат и врз основа на која платформа и план сакаат да седнеме да разговараме и да најдеме решение и да ги почитуваме меѓународните стандарди.

-Она што беше понудено од претседавачот на ЕУ, Виктор Орбан е во име на претседателствувањето со ЕУ. Сега треба да видиме кој какви сигнали испраќаат од Бугарија – едни испраќаат едни, други испраќаат други. Кај нас сигналот е јасен – сакаме достинствено решение, а уцени и ултиматуми не прифаќаме, кажа премиерот по повод реконструкција на ГП „Деве Баир“.

Од официјалната бугарска дипломатија вчера порачаа дека процесот на евроинтеграции се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат.

-Единствена гаранција за успех е исполнувањето на поставените критериуми и услови, се наведува во ставот, пренесуваат бугарските медиуми.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој дента кога од Брисел стигна веста за одвојувањето на Тирана и Скопје во преговорите со ЕУ, оцени дека ваквиот потег е „историска грешка на квадрат“, а како премиер на земјата која претседава со Унијата, тој се понуди и за посредник меѓу Македонија и Бугарија.

Слични содржини