Мицкоски од Минхен: Стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност

од Vladimir Zorba
26 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во рамките на работниот престој во Минхен, Сојузна Република Германија денеска оствари средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген.

На средбата се разговараше за актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот, како и за можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста.

Премиерот Мицкоски ја истакна заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура.

Тој нагласи дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност и ќе продолжи да работи на продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.

Двете страни се согласија дека соработката е клучна за справување со глобалните предизвици и дека иднината на регионот е во одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска оствари билатерална средба и со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Средбата се одржа во духот на пријателските односи меѓу двете земји, при што беше нагласена важноста на продолжувањето на политичкиот дијалог и економската соработка.

Двајцата премиери разговараа за билатералните односи, евроинтегративниот процес и предизвиците со кои се соочува регионот на Западен Балкан. Премиерот Мицкоски изрази благодарност за континуираната поддршка што Хрватска ја дава на Македонија во процесот на европските интеграции и нагласи дека Владата останува посветена на реформските процеси со цел забрзување на пристапните преговори.

Премиерот Пленковиќ ја потврди поддршката на Хрватска на патот кон Европската унија, истакнувајќи дека стабилноста и развојот на регионот се од заеднички интерес.

Во текот на денот Мицкоски ќе земе учество во дел од активностите на Минхенската безбедносна конференција, каде ќе има свое обраќање на панел дискусијата на Форин Полиси, говерејќи за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво.

Слични содржини