Мицкоски одговора зошто еден ден вели дека се бори против криминалот, а следниот се среќава со Јанкуловска

од Vladimir Zorba
366 прегледи

Во врска со вчерашната средба со Гордана Јанкуловска, на новинарско прашање зошто еден ден вели дека се бори против криминалот, а веќе другиот ден се среќава сo осуден криминалец, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека тоа е редовна средба со луѓе од партијата и од минатите и од сегашното раководство и тоа е пракса во изминатиот период.

-Јас можам да кажам дека Гордана е жртва на политички терор и тортура којашто е правена врз неа, врз нејзиното семејство, а вчера беше ден кога таа доби заслужен викенд. Бидејќи вчера почна викендот, имавме средба. Ќе ми биде чест и задоволство и следниот пат истото тоа да го направи. Можам да кажам дека, и не само таа, туку сите оние жртви на тортура и политички реваншизам од страна на владата на СДСМ и ДУИ, се добредојдени и за сите нив се бориме подеднакво како што е случајот и со Гордана, одговори Мицкоски.

На новинарски прашања дека во дел од снимените разговори т.н. „бомби“ на СДСМ во кои гласот за кој се тврдеше дека е Јанкуловска најавуваше „правење списоци за судии и влечење за уши за гласање“, Мицкоски одговори дека повеќе сака да разговара за тоа што се случува денес, посочувајќи дека блиски луѓе на денешни политичари од власта возат скапи автомобили и имаат скап имот и дека за тоа ќе има одговорност.

-Многу работи слушавме во минатото, многу работи се случуваат и денеска, како на пример фамилии на политичари кои се водечки во владата, внуци, роднини, братучеди се возат со ‘мајбах’ автомобили, купуваат имот во центарот на Скопје од 30 милиони евра, како се делат тендери во четири очи, како ја пљачкосуваат Македонија и тоа е жално. А, тоа што се случувало во минатото, ВМРО-ДПМНЕ е шеста година во опозиција. Но, јас повеќе би сакал да разговарам за тоа што се случува денеска. Како 25-годишно момче има 30-милионски имот во центарот на Скопје, како сватови на многу моќен политичар возат ‘мајбах’, ‘Ролс Ројс’ и имаат возен парк од неколку милиони евра, како се потрошија 200 милиони евра од буџетот, а лопата не е фрлена. Тоа е сегашност, а тоа што било во минатато ВМРО-ДПМНЕ шест години е во опозиција, рече Мицкоски.

Слични содржини