Делегација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, заминува во официјална посета на Брисел, при што ќе се сретне со голем број високи претставници на ЕУ и Европскaта народна партија (ЕПП), соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
За попладнево е планирана средба со Симон Морду, главен советник за надворешни работи на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а вечерва работна вечера со известувачот во сенка за Северна Македонија во ЕП, европратеникот Кристијан Загарц од ЕПП.
Мицкоски и неговите двајца заменици во ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски ќе се сретнат и со Анџелина Ајнхорст – директор за Европа во Службата за надворешни работи на ЕУ и Патрик Валер, директор за меѓународни односи во ЕПП, со претседавачот на ЕПП Манфред Вебер и со потпретседателот на Европскиот парламент Рајнер Виланд, со Дејвид Мекалистер, потпретседател на ЕПП и претседател на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, и со Марион Валсман, потпретседател на Мешовитиот парламентарен комитет на делегацијата на ЕУ до Република Северна Македонија, се вели во соопштението.
Посетата на Брисел доаѓа во време на несогласувања меѓу главните политички партии во земјава за уставните измени што Македонија мора да ги направи во преговарачката рамка и обвинувањата од СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ не лобирала кај своите сестрински партии во ЕУ во Бундестагот, кои не гласале за резолуцијата за Северна Македонија.