Очекувам најмалку морална одговорност и да ги напуштат позициите кои ги имаат заробено. Јасно кажаа парламентарците дека тие го изгубија целиот кредибилитет и дека немаат никаков повеќе кредибилитет да бидат на тие места. Со еден збор, последниот штит кој што е во одбрана на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ се неколку обвинители и судии, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски за вчерашните интерпелации во Собранието на пет членови на Судскиот совет.
Премиерот информира дека добил информации од кои бил вчудоневиден.
-За мене се аларматни информациите кои што ги добивам, а се поврзани со однесувањето на прв човек на едно Обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ. Шокиран сум како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. Нив не им е местото таму туку е во големите хациенди во Западна Македонија. Доколку сакаат да имплементираат правдина, треба да го сменат своето однесување. Од тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска тој човек ќе се кае, но, тогаш се плашам дека ќе му биде доцна, рече премиерот на поставувањето на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
Запрашан дали го променил своето мислење за Преспанскиот договор, со оглед дека изградбата на граничниот премин потекнува токму од него, Мицкоски одговори:
-Веројатно знаете за каков човек станувам збор, никогаш не сум го променил моето мислење и до ден денес го имам истиот став. Уште пред 6 години сум кажал дека тоа е реалност и дека ако сакаме да бидеме реал-политичари тогаш мораме реалноста да ја погледнеме во очи. Не сум човек кој што политиката ја гледа како замислена работа туку политиката е уметност на можното. Жалам што претходната криминална влада не бираше средства да ја понижи и засрами Македонија. Се додека функционирам политички, ќе се борам сите неправдини кои и се случија на мојата Македонија да бидат исправени, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски пред шест години заговараше укинување на Преспанскиот договор, доколку се обезбеди двотретинско мнозинство од парламентот, а неодамна побара да се примени како модел за уставни измени со одложено дејство, со цел да се надмине спорот со Бугарија и да одблокира патот на земјата кон ЕУ. Тогашниот лидер на тогашната опозиција во интервју за српска „Политика“ во октомври 2019 година оцени дека Преспанскиот договор овозможил грчката страна да стекне права, додека за Скопје е неповолен и потсети дека „ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во процесот на преговори и срамниот чин на уставни измени преку уцена на пратеници и непринципиелни компромиси со правото и законите“. Во декември истата година во интервју за РСЕ оцени дека договорот е реалност која не може да се игнорира, но дека „ќе се борат да ја променат“.