Премиерот Христијан Мицкоски денеска доби новинарско прашање дали се сретнал со екс-премиерот Никола Груевски во Будимпешта, со оглед дека претседателот на Владата ја предводеше делегацијата на втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и Унгарија.
-Не сум се сретнал, но, доколку ќе се сретнам ќе бидете информирани затоа што водам политика на принципот – вистината е најточна. Јас секогаш кога нешто ќе се случи, тоа го кажувам и не го кријам. Нема што да кријам, совеста ми е чиста, кажа македонскиот премиер.
Мицкоски информираше дека наскоро ќе излезе и со докази дека членовите на претходната власт се среќавале со Груевски во неговото моментално живеалиште во главниот град на Унгарија.
-Во име на вистината, можам да потврдам, многу скоро и со докази, дека голем дел од функционерите на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ се среќавале во Будимпешта со господинот Груевски за кој што не дадоа искрен одговор. Јас ако би се сретнал, би дал искрен договор, рече премиерот на отпочнување со реализација на проектите во Општина Илинден.
Уште во 2023 година, тогашниот лидер на опозицијата Мицкоски рече дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со тогашната Влада.
-Владата верува дека може да ја подели нашата партија.’ Но, тоа нема да успее, уверен е шефот на опозицијата. ‘Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања’. На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот, кажа тогаш Мицкоски во разговорот за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Последното барање за екстрадиција на Груевски е од 2019 година за сите постапки за кои што е распишана потерница. Барањето беше одбиено од Унгарија со образложение дека на Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да се екстрадира во држава од која што е дојден.