Откако универзитетскиот професор Александар Нацев, кој важи за близок до редовите на ВМРО-ДПМНЕ, доби 30 дена притвор како еден од осомничените во истрагата за пожарот во кочанската дискотека, премиерот Христијан Мицкоски доби новинарско прашање какви конекции има Нацев со партиските структури и членството на најголемата владеачка партија.
-Нацев бил дел од Владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016-2017 година. Извршувал некаква функција во тој период и тоа е последното нешто што го познавам и е поврзано со него. Го охрабрувам Обвинителството да продолжи и понатаму да работи и доколку мислат за било кој дека има инволвираност, да дејствуваат, а ние ќе им помогнеме, кажа премиерот.
Вчера професорот заработи 30 дена притвор, за кого Oбвинителството соопшти дека е вистински сопственик на агенцијата „Рубикон“, којашто ја обезбедувала дискотеката „Пулс“.
Основниот суд во Кочани го прифатил барањето на Обвинителството за одредување ефективен притвор. Обвинителството го сомничи Нацев дека го обезбедувал објектот без да има склучено договор, дека не ги регистрирал недостатоците во дискотеката „Пулс“, дозволил присуство на малолетници, како и внесување и употреба на пиротехнички средства во дискотеката.