Премиерот Христијан Мицкоски најави ново линеарно зголемување на пензиите од септември. Според него, такво е барањето на пензионерите.
-Тоа веќе го најавив од есен. Тоа го бараат пензионерите од Владата. Тој процент согласно закон кој што треба да се зголеми, да биде линеарно распореден на сите корисници на пензии. Го слушнавме гласот како Влада и денеска на владина седница треба да помине предлог-законското решение и веднаш потоа да биде испратено до Парламентот. Очекувам потоа Парламентот пред да распишување на локалните избори, тоа да го изгласа позитивно, кажа денеска премиерот на прес-конференција во Владата.
Податоците од ПИОМ откриваат дека речиси идентичен број на пензионери ги добиваат најниската пензија која изнесува до 18.000 и онаа која се движи од близу 44 до 62.500 денари.
Пред неколку дена власта најави дека размислува за двојно линеарно зголемување на пензиите по 1.000 денари, првото оваа есен, а второто напролет, како дел од планот на Владата пред локалните избори. Владата во повеќе наврати укажува дека со линеарното зголемување на пензиите сака да го намали јазот меѓу оние со ниски пензии и оние со високи.