Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „не сака да биде бранител или адвокат“ на неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, но уште еднаш порача дека во премиерот на Унгарија имаме голем пријател – „човек кој што не се штеди да ги брани македонските интерес во рамките на своите можности“.
-БДП на Унгарија е 250 милијарди евра, нашиот е околу 16 милијарди и можете да ја замислите таа паралела. Како држава, потребен ни е секој еден пријател во рамките на ЕУ. Претходно бев во рамките на посета на Загреб и таму ги слушнавме и истите пораки, како што ги слушнавме и во Охрид. Не смееме да ги критикуваме или бркаме пријателите, туку треба да ги прифатиме како држава. Јас разбирам политизирање, политиканство и дневна политика, но ние сме малобројна држава со своја амбиција. Колку повеќе пријатели имаме, толку подобро за нас. И тоа е богаството во оваа работа, рече премиерот во емисијата „Само интервју“.
Според Мицкоски, „и во Брисел и во Вашингтон и во Лондон се водат исклучиво од својот интерес“.
-Мораме да научиме да ги почитуваме другите, но да се водиме само од својот интерес – економијата, евтини пари за проекти, да има домашни инвестиции и децата да ни останат тука, наместо да ја напуштаат државата, дециден е премиерот.